Синоним за Венко Филипче се лагите, малверзациите и корупцијата, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција, на која презентираше детали за имотната состојба на лидерот на опозицијата.
Според Манасиевски, Филипче излажал во врска со тврдењата за сопственоста на автомобил од 6.000 евра, наведувајќи дека во анкетниот лист доставен до ДКСК воопшто нема такво возило, туку две други моторни возила.
„Во анкетниот извештај доставен до ДКСК, Филипче нема автомобил од 6.000 евра, туку пријавено моторно возило на брачен другар – ‘мерцедес’ во вредност од 44.000 евра, како и мотор вреден 25.000 евра. Зошто рече дека има автомобил од 6.000 евра кога тој не е вметнат во анкетниот лист? Дали цената е повисока и дали станува збор за ‘ауди’ добиено како подарок за тендер?“, праша Манасиевски.
Од владејачката партија истакнаа дека Филипче низ годините давал неточни изјави за бројни прашања, порачувајќи дека на лица со вакво политичко однесување не смее да им се дозволи да управуваат со институциите.

