Во акциска контрола спроведена во текот на ноќта меѓу 17 и 18 октомври, надлежните служби провериле 66 угостителски објекти и казина, при што биле откриени повеќе прекршувања на законите.
При контролите биле затекнати четири малолетни лица во угостителски објект по полноќ, а во два објекта било констатирано точење алкохол на малолетници. Во еден од објектите било откриено и лице кое работело како обезбедување без соодветна лиценца и легитимација, додека во друг бил нарушен јавниот ред и мир. За прекршување на Законот за заштита од пушење биле изречени три глоби.
Полицијата привела едно лице кое одбило да се легитимира, како и тројца странски државјани поради нерегулиран престој во државата. Во рамки на контролите биле легитимирани 38 лица, извршен бил преглед на 61 лице и едно возило, а бил утврден идентитетот на уште 31 лице.
Посебен случај бил регистриран во близина на прилепското село Мажучиште, каде што полицијата запрела возач кој управувал возило со 2,04 промили алкохол во крвта. Тој бил лишен од слобода под сомнение за кривично дело „Безобѕирно управување со моторно возило“.
Контроли биле спроведени и во Кичево, каде што полициски службеници извршиле претрес на локација на која, според надлежните, незаконски се приредувале игри на среќа. На местото биле затекнати две лица, а биле одземени и предмети поврзани со случајот. По документирањето, ќе следува соодветна пријава.
Во акцијата учествувале и Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Дирекцијата за заштита и спасување и Агенцијата за храна и ветеринарство. Инспекциските служби утврдиле неправилности како непријавени работници, работење без потребни одобренија, неиздавање фискални сметки, нерегистрирана дејност и промет во девизи, како и недостатоци во хигиената и противпожарната заштита.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека ќе продолжат со засилени контроли во угостителските објекти и казината, во координација со надлежните институции, со цел откривање на незаконски активности и зголемување на безбедноста на граѓаните.

