Макрон по средбата со Зеленски: Европа стои зад Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Париз на прес-конференција со неговиот украински колега Володимир Зеленски изјави дека Европа стои зад Украина.
„Руската агресивност има многу директно влијание врз нашата безбедност во Европа. Ние сме во одлучувачка фаза да ставиме крај на агресијата. Го поздравувам претседателот Трамп и неговите напори за прекин на огнот“, рече Макрон.
Тој додаде дека 30-дневниот прекин на нападите врз енергетската инфраструктура на Украина е „прв чекор“, пишува парискиот весник „Фигаро“.
„Русија ја покажа својата подготвеност да води војна и да продолжи со својата агресија. Ја чекаме посветеноста и договорот од Москва за 30-дневен прекин на огнот без предуслови“, рече Макрон.
Тој најави дополнителни две милијарди евра помош за Киев и испорака на ракети земја-воздух Мистрал, тенкови АМХ-10 РЦ и муниција.
За време на заедничката прес-конференција во Париз, Зеленски ја пофали „непоколебливата поддршка на Париз за Украина“ и го нарече Макрон пријател.
„Нашата соработка станува сè поконкретна. Сакам да ги истакнам напорите на Франција да ја обезбеди нашата одбрана од руските напади. Ги видовме вашите борбени авиони Мираж во акција и тие станаа дел од нашиот воздушен штит против руските беспилотни летала“, рече Зеленски.
Тој изрази благодарност до Европа за поддршката на одбраната на Украина, нагласувајќи дека е важно секоја земја да може да ја развие својата одбранбена индустрија.
„Колку повеќе се произведува оружје, толку повеќе загуби од нашите животи ќе бидат спасени“, рече Зеленски, коментирајќи го создавањето на европска сила способна да ја одврати секоја идна руска агресија.
Во договорот постигнат во Саудиска Арабија со американско посредство, Русија и Украина ветија дека ќе обезбедат безбедност на пловидбата во Црното Море, ќе ја елиминираат употребата на сила и ќе спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа