Макрон најави испраќање ракети во Украина: Москва итно реагира – „ќе има последици“
Франција ќе почне да ја снабдува Украина со ракети со долг дострел за да може да се брани, изјави денеска францускиот претседател, Емануел Макрон. Набргу стигна реакција од Москва, во која се наведува дека оваа одлука е погрешна и полна со последици за украинската страна.
Имено, по пристигнувањето на самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, Макорн одби да даде детали колку и кои проектили ќе ѝ бидат доделени на Украина.
„Одлучив да ја зголемам испораката на оружје и опрема што ќе им овозможи на Украинците да имаат капацитет да удрат длабоко, додека ја одржуваме нашата доктрина, да ѝ дозволиме на Украина да ја брани својата територија“, рече Макрон.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека оваа одлука воопшто не е добра и додаде дека останува да се види колкав е обемот.
„Од наша гледна точка ова е погрешна одлука, оптоварена со последици за украинската страна, бидејќи таа, се разбира, ќе нè принуди да преземеме контрамерки“, рече Песков.
Песков рече дека одлуката на Париз нема да влијае на текот на специјалната воена операција, како што Москва ја нарекува војната во Украина.
„Уште еднаш го повторуваме принципиелниот пристап кон ваквите одлуки: овие одлуки не може да влијаат на текот на настаните во рамките на специјалната воена операција. Тие може само да ја отежнат судбината на режимот во Киев“, додаде Песков.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа