Македонското знаме поставено во холот на НАТО во Пентагон

Во холот на НАТО во Пентагон се одржа церемонија на откривање на македонското знаме кое по членството во НАТО им се придружи на 29-те знамиња на останатите земји членки на Алијансата.

Знамето симболично го открија министерката Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер.

Од Министерството за одбрана, информираат дека посочувајќи дека членството на Северна Македонија во НАТО го зацврсти мирот и стабилноста на регионот, Купер и се заблагодари на министерката Шекеринска за нејзиното лично залагање за членството во НАТО и за огромниот придонес во развивањето на македонско-американските односи.

На церемонијата присуствуваше и американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз која во пригодниот говор рече дека нашето членство во НАТО е од решавачка важност за стабилноста и напредокот на регионот, при што и честиташе на Шекеринска на нејзиното, како што рече, лидерство и визионерство во остварувањето на стратешките цели на државата.

Шекеринска, се вели во соопштението, истакнала дека успехот со членството во НАТО е резултат на силна политичка храброст, 30-годишна напорна работа, но и на постојана поддршка од пријатели како САД. “Ви благодарам што верувавте во нас, рече министерката.

На церемонијата присуствувал и Морин Кормак, помошничка државен секретар за азиски и евроазиски прашања во чиј домен е и нашиот регион, директорката на Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка Хајди Грант, и други претставници од Пентагон како и од Амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон и од Американската амбасада во Скопје. 

18.09.2021 - 13:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега