Идната недела во Србија ќе се одржи вториот министерски самит на министрите за енергетика на Македонија, Србија, Грција и Бугарија, на кој ќе се разгледуваат можностите за усогласување на преносните системи, прекуграничниот транспорт и реализацијата на регионалните инфраструктурни врски.
Од МЕРМС нагласуваат дека регионалната координација е од исклучително значење во период кога се реализираат повеќе клучни проекти истовремено: „За Македонија, ваквата регионална координација е особено важна бидејќи истовремено се реализираат повеќе стратешки енергетски проекти – од интерконекторите со Грција и Србија, преку приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, до модернизацијата на преносната мрежа и развојот на системи за складирање енергија.“
На средбата ќе се анализираат и состојбите во електроенергетскиот сектор, размената на електрична енергија и зголемениот број нови соларни и ветерни капацитети, кои бараат поголема флексибилност и мрежна отпорност. Самитот во Србија треба да обезбеди утврдување поконкретни рокови и чекори за реализација на заедничките стратешки приоритети во Југоисточна Европа.


