Метеоролозите за денеска најавија уште еден пеколен ден со температури до 40 степени низ Македонија. За време на топлотниот бран, УХМР ги измери температурите од рано наутро, во 8 часот низ државата.

Струмица е најтопол град со 24 степени во осум часот, по што следат Виница, Крушево и Кавадарци со 24.

Во Скопје УХМР во осум часот наутро измери 23 степени целзиусови.

Берово со измерени 17 степени е местото со најниска температура ова утро во Македонија, за време на топлотниот бран кој ја зафати земјата.

Под влијание на топла воздушна маса од југ продолжува периодот на сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност во текот на денот. Дневната температура насекаде ќе биде над 33°C, а во некои места ќе надмине 40°C. Високи температури ќе се задржат и во текот на ноќните часови.

Препораки за горештините:

Избегнувајте директна изложеност на сонце во најтоплиот период од денот, особено од 10 до 17 часот.

Пијте доволно течности, најдобро вода, дури и кога не чувствувате жед.

Носете лесна, широка и светла облека, како и капа или шешир при престој на отворено.

Користете заштита од сонце и престојувајте во разладени простории кога е можно.

Избегнувајте тешка физичка работа и спортски активности во најтоплите часови.

Не оставајте деца, постари лица или домашни миленици во паркирани возила, дури ни кратко време.

Возрасните лица, хронично болните, бремените жени и малите деца треба да бидат особено внимателни.

Редовно проверувајте ги лицата кои живеат сами или имаат потреба од помош.

Внесувајте лесна храна, повеќе овошје и зеленчук, а избегнувајте тешки и масни оброци.

Проветрувајте ги просториите во раните утрински и вечерните часови, а во текот на денот затворете ги ролетните или завесите.

При појава на симптоми како вртоглавица, слабост, главоболка, мачнина, забрзано чукање на срцето или збунетост, потребно е веднаш да се побара медицинска помош.

Exit mobile version