Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, и стручни тимови од двете институции, престојуваше во официјална посета на Србија.

Во рамки на посетата, тие се сретнаа со српскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Драган Гламочиќ, како и со потпретседателката на Владата на Србија и министерка за стопанство, Адријана Месаровиќ.

Главна тема на разговорите беше унапредувањето на соработката во земјоделството, ветеринарството и безбедноста на храната, со посебен акцент на олеснувањето и забрзувањето на трговијата меѓу Македонија и Србија.

Со министерот Гламочиќ било разговарано за увозот, извозот и транзитот на живи животни, производи од животинско потекло и други земјоделско-прехранбени производи, како и за проблемите со кои се соочуваат компаниите при прекуграничниот промет.

Посебно внимание било посветено на поедноставувањето на ветеринарните и фитосанитарните процедури, без притоа да се намалат стандардите за заштита на здравјето на животните и безбедноста на храната. Разговарано било и за контролата на млекото и млечните производи и за подобра координација меѓу надлежните служби.

На состаноците била разгледана и примената на механизмите во рамки на „Отворен Балкан“ и ЦЕФТА, со цел намалување на административните бариери, подобра размена на информации и документи и пократко задржување на пратките на граничните премини.

Серафимовски ја нагласил важноста од практична институционална соработка која ќе донесе конкретни придобивки за земјоделците, производителите и компаниите, преку побрз проток на стоки и отстранување на непотребните процедури.

Миланов, пак, ја истакнал потребата од континуирана директна комуникација меѓу ветеринарните служби на двете земји, особено при увозот, извозот и транзитот на живи животни и производи од животинско потекло.

Во рамки на посетата, Серафимовски и Миланов се сретнале и со српската министерка за стопанство, Адријана Месаровиќ. На средбата било разговарано за унапредување на економската соработка, олеснување на трговијата и создавање нови можности за поврзување на компаниите и производителите од двете земји.

Соговорниците оцениле дека добрите односи меѓу Македонија и Србија се основа за дополнително продлабочување на соработката во земјоделството, ветеринарството, безбедноста на храната и стопанството.

Целта е преку директен институционален дијалог и конкретни решенија да се овозможи побрз и поедноставен проток на животни, производи и стоки меѓу двете земји, во интерес на земјоделците, компаниите и граѓаните.

Exit mobile version