Официјалната посета на претседателката на Индија, Драупади Мурму, претставува можност политичките односи меѓу Северна Македонија и Индија да се преточат во конкретни економски проекти, нови инвестиции и долгорочни деловни партнерства, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски на Македонско-индискиот бизнис-форум.

Форумот беше одржан во рамки на официјалната посета на индиската претседателка на земјава, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во обраќањето пред претставниците на деловните заедници од двете земји, Серафимовски оцени дека актуелната трговска размена во земјоделството и прехранбената индустрија не го одразува целосниот потенцијал за соработка.

Како области со најголеми можности за инвестиции ги посочи сточарството, производството и преработката на овошје и зеленчук, лозарството и винарството, органското производство, пчеларството, како и изградбата на дистрибутивни центри и современи преработувачки капацитети.

„Нашата цел е македонското земјоделство да го развиеме во модерно, одржливо, технолошки напредно и извозно ориентирано производство. Индија ја гледаме како значаен потенцијален партнер во овој процес, особено во делот на трансфер на технологии и знаење, развој на преработувачки капацитети и отворање нови пазари“, истакна Серафимовски.

Министерот ги претстави и можностите за вложувања во паметни системи за наводнување, ефикасно управување со водните ресурси, земјоделска механизација, дигитално следење на производството, соларни системи за фарми, како и производство на енергија од биомаса и биоотпад.

Тој посочи дека компаниите кои ќе ги исполнат условите ќе можат да користат поддршка преку националните програми и ИПАРД III.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е подготвено да биде активен институционален партнер. Ќе овозможиме директна комуникација со заинтересираните компании, поврзување со македонските производители и преработувачи, како и поддршка за инвестициските идеи да се претворат во одржливи проекти“, порача Серафимовски.

Exit mobile version