Европската унија го проширува проектот „Фабрички антени за вештачка интелигенција“ (AIFA) и на Западен Балкан, а една од првите антени ќе биде отворена во Македонија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го најави потегот во Тирана, нарекувајќи го „дигитален ’рбет“ што ќе ги поврзе компаниите од регионот со европската технолошка инфраструктура.
„Ќе започнеме со две антени во Северна Македонија и Србија, со што воведуваме брз дигитален ‘рбет низ целиот регион и им овозможуваме на компаниите од сите шест партнери да се поврзат со европските фабрики за вештачка интелигенција“, изјави Фон дер Лајен во своето обраќање на Инвестицискиот форум на ЕУ и Западен Балкан во Тирана.
„Тоа значи дека вашите компании ќе имаат пристап до европската инфраструктура за вештачка интелигенција токму тука, во регионот. Со други зборови, компјутерската моќ на Унијата ќе ви биде на располагање. Сакам иднината на вештачката интелигенција да се создава во Европа. И сакам Западен Балкан да биде нејзин составен дел,“ додава таа.
Овие фабрики се високо-технолошки центри поврзани со европската суперкомпјутерска мрежа EuroHPC и овозможуваат развој и примена на напредни модели на вештачка интелигенција. Центарот во Македонија ќе нуди техничка поддршка, обуки и партнерства со индустријата, создавајќи нови можности за стартапи, истражувачи и дигитална економија.
Фон дер Лајен истакна дека ова е „политички и технолошки мост“ меѓу ЕУ и регионот, а Македонија со тоа станува дел од европскиот технолошки екосистем и чекор поблиску до дигиталната иднина.