Целокупната трговија што транзитира низ земјава од 1 јуни се одвива преку новиот компјутеризиран транзитен систем – Фаза 6, со што државата целосно се усогласува со стандардите што се применуваат во Царинската унија на ЕУ, соопшти Царинската управа.
Воведувањето на НКТС Фаза 6 е дел од обврските предвидени со Планот за раст, при што Царинската управа ја потврдува својата посветеност на забрзаната интеграција во единствениот пазар на ЕУ.
Со овој чекор, македонскиот царински транзитен систем е целосно усогласен со системите што ги применуваат околу 80 проценти од земјите членки на Конвенцијата за заеднички транзит, вклучувајќи ги Германија и Грција.
Системот овозможува поднесување на единствена транзитна декларација, заедно со безбедносни најави, што треба да придонесе за олеснување на трговијата и намалување на ризиците од застои на граничните премини.
Од Царинската управа посочуваат дека имплементацијата претставува клучен исчекор во модернизацијата на работењето и носи директни придобивки за бизнис-заедницата и економскиот раст.
„Европа не се освојува со зборови, туку со реформи и резултати. Ние реформите ги спроведуваме, а резултатите се видливи и лесно мерливи“, истакнува директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.


