Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше за ефектите од поддршката кон домашните компании, посочувајќи дека економијата бележи позитивни поместувања кои резултираат со зголемување на бројот на вработени. Според неговите податоци, во последната година се отворени над 15.000 нови работни места.
„Во последните година дена се креирани повеќе од 15.000 нови работни места. И доаѓаме до една состојба којашто во моментот е околу 710.000 вработени и под 90.000 невработени, коишто се пријавени“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој направи подетална анализа на структурата на невработеноста, посочувајќи дека реалната бројка на оние кои бараат работа е значително помала ако се земат предвид земјоделците и средношколците кои по закон се водат во работоспособното население.
„Ако во тие под 90.000 невработени имаме, да речеме околу 30.000 земјоделци. Невработените се водат како работоспособно население од 15 до 65, тоа се две генерации 15 и 16 години, средношколци, а средното образование е задолжително, ќе дојдеме до бројка од отприлика, не повеќе од 35-40.000 невработени, што претставува некаде под 5% од работоспособното население“, објасни премиерот.
Мицкоски заклучи дека овие параметри се доказ за економскиот напредок и претставуваат рекорд во историјата на државата.
„И ова е историски најниско ниво, од било кога, од кога постои независна Македонија“, вели премиерот.


