Окружниот суд во Бремгартен осуди 29-годишен државјанин на Северна Македонија на пет години затвор поради серија грабежи, но неговото признание пред судиите ја остави јавноста во неверување. Тој признал дека намерно вршел кривични дела со единствена цел – да биде уапсен и да се ослободи од зависноста од алкохол додека е зад решетки.

Според судските наводи, обвинетиот пред две години извршил повеќе грабежи во продавници од синџирот „Volg“ и во златари, при што украл илјадници швајцарски франци. Освен грабежите, тој се соочува и со обвиненија за насилничко однесување и закани кон службени лица.

„За време на судењето тој изјавил дека во периодот кога ги извршувал делата бил тежок алкохоличар и дека свесно сакал да заврши во затвор, сметајќи дека тоа е единствениот начин да се одвикне од зависноста“, пренесуваат швајцарските медиуми.

Судот, покрај затворската казна, му одреди и парична обврска од 80.500 швајцарски франци за отштета и глоби. По издржувањето на казната, македонскиот државјанин ќе биде депортиран и ќе добие забрана за влез во Швајцарија во траење од десет години.

Exit mobile version