Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера се сретна со претседателот на „Обединети Македонци во Канада“, Ристо Дурловски, и членот на организацијата Душко Јанков.

На средбата биле разменети мислења за животот на македонската дијаспора во Канада, нејзините успеси и предизвици, како и за можностите за поголемо учество во економскиот, политичкиот, образовниот, научниот и културниот живот во Северна Македонија.

Од Кабинетот на претседателката информираат дека Сиљановска-Давкова ги запознала соговорниците со Националната стратегија за дијаспората и активностите за формирање Совет за дијаспора во рамките на нејзиниот кабинет.

Претставниците на дијаспората изразиле интерес за поголемо учество во изборните процеси, како и за воспоставување потесна соработка со институциите во земјата. Меѓу предлозите биле и консултации со дијаспората при именувањето амбасадори и конзули во Канада.

На средбата било посочено и дека дигитализацијата и развојот на вештачката интелигенција им овозможуваат на помладите генерации од дијаспората полесно да се поврзуваат со Северна Македонија, вклучително и преку интерес за студирање, работа и живот во земјата.

Дурловски и Јанков упатиле покана до претседателката да ја посети македонската заедница во Канада и директно да се запознае со нивните ставови и предлози.

Exit mobile version