Македонскиот весник „Илинден” кој е во печатено и електро издание објави напис под наслов „Македонците во Албанија соочени со предизвици: борба за јазикот, идентитетот и иднината”, во кој стои дека македонската заедница во Албанија и понатаму се соочува со низа предизвици поврзани со зачувувањето на јазикот, културниот идентитет и опстанокот на традиционалните населени места.
– Иако македонското малцинство е официјално признато, претставниците на заедницата укажуваат дека се потребни дополнителни напори и поголема институционална поддршка за унапредување на правата и можностите на Македонците во Албанија, стои во написот.
Во регионите каде што традиционално живее македонско население: Голо Брдо, Преспа, Гора, Врбник и Поле жителите како најзначајни проблеми ги посочуваат ограничените можности за образование на мајчин јазик, економската состојба и иселувањето на младите.
Едно од најважните прашања останува образованието на македонски јазик. Иако во одредени средини постои можност за изучување на македонскиот јазик, од заедницата се бара проширување на наставата и создавање услови секое дете со интерес и припадност кон македонската заедница да може да го изучува својот мајчин јазик.
– Јазикот е темелот на секој идентитет. Без можност младите да го изучуваат и користат својот јазик, постепено се губи врската со културното наследство и традицијата, истакнуваат претставници на македонските здруженија во Албанија за весникот
Покрај прашањата поврзани со јазикот и образованието, значаен предизвик претставува и економската состојба. Недостигот на работни места и ограничените перспективи за младите придонесуваат за миграција кон поголемите градови и кон странство. Овој процес директно влијае врз демографската слика на населените места каде што живее македонско население.
Се оценува дека и покрај бројните предизвици, легитимните македонски здруженија, како и партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), продолжуваат активно да работат на зачувување и промовирање на македонскиот фолклор, традиција, јазик и културно наследство.
Преку различни културни, образовни и општествени иницијативи, тие настојуваат да ја одржат жива врската меѓу новите генерации и историските корени, поттикнувајќи го познавањето и почитувањето на културниот идентитет и наследството.
Иднината на Македонците во Албанија, според нив, зависи од создавањето подобри услови за живот, обезбедувањето можности за образование на мајчин јазик и отворањето перспективи за младите генерации.
- На семејна веселба пукал со пиштол: Полицаец под лупа на Внатрешна контрола
- Албанска полиција: На едно лице не му беше дозволен влез поради законски пречки, другите сами одлучија да не го продолжат патувањето
- ЕК предлага ЕУ да може да воведува санкции за организиран криминал
- Трагедија кај Робово: Жена загина во сообраќајка откако се судрила со камион
- Објавена е мапа: Ова се најкритичните места во Грција каде живее рибата-зајак
- СДСМ: Сакаме Мицкоски да не ги краде гласовите на дијаспората
- Радовиш: Сакал да му ја запали нивата на својот брат – изгорело пола село
- Повеќе од половина од криминалните групи во Албанија продаваат кокаин, но каде ги инвестираат парите?


