Зијада Узуновиќ, за која постојат сомнежи дека била убиена од сопругот во Словенија, пред тој да избега, денеска ќе биде погребана во Мијаковиќи.
Зијада починала на 36-годишна возраст, а зад себе ги оставила синот, таткото, мајката и браќата.
Се сомнева дека Зијада била усмртена со нож од нејзиниот сопруг во стан во центарот на Вухред, во ноќта меѓу недела и понеделник. Полицијата пријавата ја добила нешто пред еден часот по полноќ. Станува збор за семејство од Какањ, кое во потрага по подобар живот се преселило во Словенија.
Според наводите од истрагата, осомничениот ѝ нанел смртоносни повреди со нож, од кои таа починала на местото.

Злосторството било откриено откако малолетниот син на брачната двојка, по враќањето дома, го пронашол телото на мајка му. Момчето веднаш му се јавило на роднина кој го однел во Домот за здравје во Радље об Драви. Лекарот потоа ја известил полицијата, а за детето се погрижил надлежниот Центар за социјална работа.
По пријавата за убиството била започната голема потрага, во која учествувале бројни полициски екипи, криминалисти, водачи на службени кучиња, полицајци на коњи, како и дронови и хеликоптер. За случајот биле известени и полициите на Хрватска и Австрија.
Во текот на денот пристигнувале бројни дојави од граѓани. Осомничениот најпрво бил забележан во близина на гробиштата во Вузеница, потоа кај мостот во Вухред, а подоцна и во автобус од кој излегол во подрачјето на Мута. И покрај интензивната потрага, успевал да ѝ избега на полицијата.
По апсењето признал дека по злосторството ја препливал реката Драва и со часови се криел на непристапни места. Полицијата, сепак, проценила дека би можел да се врати во близина на местото на злосторството, па патролите останале распоредени околу зградата.
Оваа проценка се покажала точна. Околу 23:20 часот полицајците го забележале во близина на зградата каде што се случило злосторството и веднаш го уапсиле. Според Полициската управа Цеље, при апсењето не пружал отпор.