Три лица, меѓу кои мајка и нејзините две малолетни деца, загинаа во страшен пожар што попладнево избувна во нивната семејна куќа во селото Домен, во близина на Скадар.
Според првичните информации од увидот, огнот избувнал во кујната додека жената подготвувала храна и со голема брзина се проширил низ објектот, блокирајќи ги излезите за семејството.
“Како последица на пожарот животот го загубија 24-годишна жена и нејзините две малолетни деца, на возраст од една и пол, односно три години. Истрага треба да ги разјасни причините за трагедијата, стои во полициското соопштение.
На местото на настанот полициските екипи пронашле експлодирана плинска боца и канистер со бензин.
Поради изразено непристапниот и планински терен, интервенцијата на противпожарните екипи била исклучително тешка. Куќата била оддалечена околу 30 минути пешачење од главниот пат, па во моментот кога пожарникарите пристигнале, објектот бил речиси целосно изгорен.
Албанските медиуми пренесуваат дека загинатите пред само неколку дена пристигнале од Германија, каде што живееле, за да престојуваат во нивниот поранешен дом. Во моментот на трагедијата, сопругот не бил присутен во куќата.


