Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго ескалира откако револтирана толпа граѓани запали медицински центар за лекување. Како што објавува „Скај њуз“, овој инцидент дополнително ги усложнува и онака тешките напори на терен за ограничување на заразата.

Според официјалните податоци на Министерството за здравство на ДР Конго, досега се регистрирани 160 сомнителни смртни случаи.

Досега се евидентирани вкупно 670 сомнителни случаи, од кои 61 се официјално потврдени. Податоците будат сериозна загриженост бидејќи вирусот веќе преминува и во соседна Уганда, каде има два потврдени случаи, а се шири и во областите контролирани од бунтовниците.

Светската здравствена организација (СЗО) веќе прогласи меѓународна вонредна состојба за јавно здравје, предупредувајќи дека реалните бројки се далеку повисоки од официјалните извештаи.

Тензиите дополнително експлодираа во местото Рвампара, во покраината Итури, каде избија жестоки судири меѓу полицијата и локалното население. Немирите почнаа кога семејство на починат од ебола одби да ја прифати дијагнозата и побара да му се предаде телото.

Сведоците за агенцијата „Ројтерс“ изјавија дека демонстрантите се собрале пред болница и запалиле шатори на медицинска организација, по што полицијата пукала во воздух и употребила солзавец.

Нов аларм предизвика и смртта на 28-годишен пациент во покраината Јужен Киву, во близина на главниот град Букаву. Податоците за овие случаи ги објави Алијансата на реката Конго, бунтовничка група во која се вклучени борци од движењето М23 поддржано од Руанда.

Џејн Халтон, претседателка на Коалицијата за иновации во подготвеноста за епидемии (CEPI), испрати загрижувачка порака од Женева за реалната слика на терен.

„Врвот на ледениот брег“, изјави Џејн Халтон во однос на досега пријавените и потврдени случаи во државата.

Дополнителен проблем е што во моментов нема одобрена вакцина за специфичниот сој „Бундибугио“ кој ја предизвика оваа епидемија, а за нејзин развој ќе бидат потребни меѓу шест и девет месеци. Затоа, Велика Британија најави итна помош од 20 милиони фунти (околу 23 милиони евра), додека САД веќе издвоија 23 милиони долари.

Поради ризикот, Уганда целосно го суспендираше патничкиот превоз од Конго, а САД ги засилуваат контролите на своите граници за патници од критичните региони.

Exit mobile version