Лукаревска: Зголемениот поврат на ДДВ наскоро на собраниска седница

Управата за јавни приходи со посредство на Министерството за финансии ги поднесе измените за мерката „Мој ДДВ“ за скенирање на фискални сметки со кои се предвидува зголемување на износот што им се дава на граѓаните за поврат на данокот на додадена вредност (ДДВ) и тие сега се во собраниска процедура, потврди денеска директорката на Управата за јавни (УЈП) приходи Сања Лукаревска.

- Веројатно предлогот треба да дојде на редовна седница, бидејќи сега се дискутира за реконструкција на Владата. Кога ќе заврши овој процес, би требало да биде на дневен ред и да го види светлото на денот. Штом таму се донесе таа измена ќе го адаптираме системот и врз основа на тоа ќе враќаме повеќе кај граѓаните, рече Лукаревска во одговор на прашање на денешната прес-конференција.

Преку апликацијата „Мој ДДВ“ граѓаните имаат можност со скенирање на фискалните сметки да им се врати дел од ДДВ што го платиле за купување на производи. Досега тие на секои три месеци можеа да добијат поврат на ДДВ во максимален износ од 1.800  денари, а со измените ќе можат да добијат до 2.100 денари на три месеци.

Лукаревска прецизира и дека Министерството за финансии до стопанските комори веќе достави драфт верзија на листата на луксузни производи за кои треба да се зголеми данокот на додадена вредност.

- Министерството за финанси во наредниот период ќе треба да ја објави листата на нивната веб-страница. Како носители на овие промени тие ја имаат обврската да ја објават листата на која работи и УЈП, посочи Лукаревска.

27.02.2023 - 13:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега