Лукаревска: Најостро демантирам дека Дејан Смилевски имал било каква допирна точка со МојДДВ

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска ја демантира информацијата која се шири во јавноста дека лицето Дејан Смилевски кое доби 100.000денари награда од Мој ДДВ,  изработувало, одржувало или имало било каква допирна точка со проектот/апликацијата/наградната игра – МојДДВ.

-Имајќи предвид дека штетните последици на една лажна вест не секогаш зависи од кредибилитетот на тој што ја пласира, со цел да спречам евентуално ставање на јавноста во заблуда сметам дека е неопходно да реагирам. Најостро демантирам дека лицето Дејан Смилевски изработувал, одржувал или имал било каква допирна точка со проектот/апликацијата/наградната игра – МојДДВ. Компанијата “Акцент ДООЕЛ” го изработи и одржува софтверот. Извлекувањето на наградите и нивните приматели оди преку лотариски систем-случаен избор и во него учествуваат сите кои скенирале фискални сметки. Притоа, УЈП е задолжена за процесот на скенирање на сметките, заедно со Министерството за финансии сме покровители, додека Државната Лотарија е приредувач на наградната игра. Значи, во посочениот случај нема и не може да има конфликт на интереси, напиша Лукаревска на својот фејсбук-профил.

Што се однесува пак на прашањето дали е етички исправно едно хонорарно ангажирано лице во Генералниот секретаријат на Владата да прими награда која ја добил по случаен избор, вели дека може само да истакне свое мислење, а тоа е дека таквата одлука е индивидуален чин и личен избор, надвор од надлежностите на УЈП.

-Искрено жалам што и МојДДВ, како еден од најуспешните проекти на УЈП, преку кој физичките лица за прв пат добија поврат на ДДВ, стана мета на опозицискиот систем за ширење на лажни вести и правење штета по секоја цена. Секогаш ќе реагирам на ваквите дезинформации и нема да дозволам компромитација на проектите кои враќаат пари кај граѓаните за некој партиски да профитира, пишува Лукаревска на Фејсбук. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.04.2021 - 22:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега