Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска беше во посета на Разловци, каде што заедно со стручната екипа од Националниот конзерваторски центар изврши увид во активностите за непосредна заштита на Спомен-домот на Разловечкото востание, еден од најзначајните симболи на отпорот на македонскиот народ за слобода.

„Денеска сум во Разловци, каде што заедно со стручната екипа од Националниот конзерваторски центар извршивме увид во конзерваторско-реставраторските работи за непосредна заштита на еден од најзначајните симболи на отпорот на македонскиот народ за слобода, Спомен-домот на Разловечкото востание. Оваа година, на 20 мај, одбележуваме 150 години од Разловечкото востание, јубилеј кој нѐ обврзува со уште поголема посветеност да го зачуваме и достоинствено да го претставиме нашето културно-историско наследство“, рече Љутков.

Во рамките на целосната обнова на Спомен-домот, кој со години беше оставен на забот на времето, се изврши ревидирање на постојниот Основен проект за конзервација и реставрација, негово прогласување за културно наследство, како и непосредна заштита, која е во завршна фаза. Паралелно се работи и на поставување нова музејска поставка која на автентичен и едукативен начин ќе ја раскаже приказната за востанието, за храброста, жртвата и значењето на македонскиот отпор. Вкупната вредност на проектот изнесува околу 21 милион денари.

Изведувач на работите е „Изградба комерц“, а Министерството за култура и туризам внимателно го следи процесот со цел да се обезбеди квалитетна и навремена реализација.

Целта на проектот е овој простор повторно да стане живо сведоштво за историјата и место кое ќе ги инспирира идните генерации.

Exit mobile version