Протестите во Литванија траат со недели поради обвинувања за политички притисок врз јавниот радиодифузен сервис ЛРТ (Литванска национална радио и телевизија). Повод за реакциите беше предлогот на владејачката коалиција за измена на правилата за разрешување на генералниот директор на ЛРТ, што предизвика силно незадоволство кај новинарите и пошироката јавност.
Новинарите и граѓаните најавија еднонеделни протести, кои кулминираа на 9 декември со масовен митинг пред парламентот, на кој присуствуваа околу 10.000 луѓе. И покрај јавното противење од литванската и европската медиумска заедница, парламентот (Сејмот) продолжи со разгледување на предложените законски измени.
Како форма на отпор, новинарите од ЛРТ започнаа да ги емитуваат своите радио програми директно од Плоштадот на независноста, пред зградата на парламентот. Во вечерните часови, демонстрантите се собираа на истиот простор и палеа логорски огнови како симбол на протест. Според податоците на ЛРТ, на 16 декември на плоштадот се собрале околу 6.000 луѓе, а на 17 декември бројката пораснала на 10.000. Нов протест е најавен за 18 декември, на денот кога Сејмот планира да гласа за измените на Законот за ЛРТ.
За што се реформите?
Првичниот предлог предвидуваше олеснување на процедурата за разрешување на генералниот директор – од потребно двотретинско мнозинство во 12-члениот Совет на ЛРТ, на само шест гласа. Подоцнежната верзија на законските измени, која моментално е предмет на расправа во парламентот, го зголемува прагот на седум гласа од вкупно 12 членови.
Дополнително, измените предвидуваат тајно гласање за разрешување, како и проширување на основите поради кои може да се смени генералниот директор. Советот на ЛРТ е составен од четири члена назначени од претседателот на државата, четири од парламентот (два од владејачките партии и два од опозицијата) и четири од различни организации на граѓанското општество.
Критичарите сметаат дека реформите се насочени кон отстранување на актуелниот генерален директор, додека предлагачите тврдат дека измените се неопходни поради утврдени слабости во работењето, иако ревизијата не содржела препораки за промена на начинот на назначување или разрешување на раководството на ЛРТ.

