Левица: Уставниот суд ги штити пратениците наместо владеењето на правото

„Уставниот суд по скоро година и пет месеци од поднесувањето, конечно се одважи по Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на точките 3 и 4 од Одлуката за висината на надоместокот на пратениците за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина. Oваа иницијатива, која се однесува на пратениците да им се исплаќаат и трошоци за патарини,  е поднесена од страна на пратениците од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов“. Ова е потенцирано во соопштението на Левица испратено до медиумите.

„Сепак, повеќе од очекувана е одлуката на Уставниот суд да не се поведе постапката по оваа Иницијатива со млако и бледо образложение кое гласи „со оспорената одлука се разработуваат условите за остварување на ова право, односно се прецизираат случаите кога се смета дека возилото се користи за службени цели“.

Овој додаток се исплаќа на пратениците согласно Одлука, донесена од страна на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата, а притоа истиот додаток не е предвиден, односно регулиран со Законот за пратениците.

Дали на овој начин уставните судии си овозможувааат алиби и заштита на своите интереси, со оглед на фактот дека самите уставни судии, на незаконит начин, со Деловникот за работа си предвидоа додатоци на плата во висина од 35 отсто месечно?

Законот за пратениците таксативно ги наведува личните приходи и надоместоци на трошоците на кои пратеникот има право, но законодавецот никаде не предвидел плус дополнителен надоместок на трошоците за исплатените патарини, туку само надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20% од продажната цена на еден литар гориво (според изминат километар за возилото кое се користи).

Левица останува доследна во борбата за владеење на правото и будно ги следи сите незаконитости со преземање на активни чекори до крајно ослободување од оваа хибридна власт“, стои во реакцијата на Левица.

25.11.2022 - 12:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега