Левица со Резолуција во Собрание: Не смее да им се врши притисок на граѓаните ако не се вакцинираат

Пратениците на Левица во Собранието на Република Македонија – Димитар Апасиев и Борислав Крмов, до претседателот на парламентот, поднесоа Предлог-резолуција за правните и моралните аспекти на Ковид-вакцинацијата, заснована на неколку правни акти донесени во Советот на Европа.

Резолуцијата, која е поделена на вкупно шест точки, констатира дека постојат низа проблеми на терен во врска со вакциналната имунизација на населението, предизвикана од несоодветната стратегија за комуникација со јавноста на надлежното Министерство за здравство, како и од противречните и контрапродуктивни мерки кои, од ден на ден, стануваат сè порестриктивни, порепресивни, непропорционални и дискриминирачки за македонските граѓани.

Во Резолуцијата, меѓудругото, се укажува дека:

– вакцинацијата против новиот коронавирус SARS-CoV-2 не е и не смее да биде задолжителна за било кој сегмент од населението;

– граѓаните мора да бидат информирани дека никој не смее да им врши политички, правен, социјален, економски или друг вид притисок да се вакцинираат, доколку некој не сака да го стори тоа на доброволна основа и по слободна волја;

– користењето т.н. зелени (ковид) пасоши, односно „сертификати за вакцинација“ ќе се користат само за нивната првично назначена цел од страна на Светската здравствена оргнизација, т.е. за обезбедување надзор над долгорочните ефекти на вакцините и нивната безбедност по здравјето на луѓето, за следење на ефикасноста на вакцината врз имунолошкиот систем на пациентите, како и за мониторирање на потенцијалните нус-појави и несакани ефекти од вакцината.

21.09.2021 - 13:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа