Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје ќе иницира свикување вонредна седница на која единствена точка на дневен ред ќе биде формирање фонд за обештетување на граѓаните кои претрпеа штети од невремето што го зафати главниот град.
Од партијата оценуваат дека невремето предизвикало значителна материјална штета врз домовите, возилата и имотот на граѓаните, поради што, според нив, Градот треба да обезбеди итна финансиска поддршка за погодените.
„Во вакви околности, товарот не смее целосно да падне врз граѓаните кои претрпеа штети“, наведуваат од Левица.
Од советничката група посочуваат дека последиците од невремето ги покажале слабостите во функционирањето на надлежните институции, наведувајќи дека недостасувале превентивни мерки, а проблемите со опасни дрвја и подготвеноста на градските служби биле занемарувани.
Покрај формирањето фонд за обештетување, Левица ќе побара на Комисијата за безбедност при Град Скопје да се разгледаат мерките за превенција и справување со идни елементарни непогоди.
Советничката група најавува дека ќе предложи и конкретни активности за воспоставување поефикасен систем на превенција, рано предупредување и подобра координација меѓу надлежните служби.
Од Левица ги повикаа советниците во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата, со цел да им се помогне на граѓаните кои претрпеа штети и да се воспостават мерки за намалување на ризиците во иднина.


