Левица бара слобода за Ламбе: Се понуди да ги плати трошоците за одбрана

 

„Единствен кој треба да се гони кривично е претседателот на здружението ‘Ванчо Михајлов’“, се наведува во реакцијата на политичката партија Левица, по информацијата дека Ламбе Алабаковски е уапсен за палење на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.  

„Денешната објава за експресно апсење на лицето кое го запали клубот, што го носи името на фашистот Ванчо Михајлов, само потврди дека власта на СДСМ и ДУИ е во целосна служба на бугарскиот неоврховизам!

 

Потсетуваме дека Левица пред еден месец поднесе кривична пријава против претседателот на здружението „Ванчо Михајлов”, поради „излагање на подбив на македонскиот народ“ и „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“. За оваа кривична пријава, сè уште нема никаков одговор дали е поведена некаква постапка.

Повеќе од месец дена во градот на Стив Наумов, пред очите на целата јавност и органите на прогонот, незаконски и скандалозно функционира клуб кој го носи името на џелатот на македонската кауза!

Во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Аламбаковски. Секоја друга пресуда, освен ослободителна, ќе претставува анти-државнички чин и напад врз македонската државотворност, конституирана во АСНОМ!

Од тие причини, Левица ќе стапи во контакт со адвокатите кои ќе го застапуваат Аламбаковски и ќе се понуди да ги покрие трошоците на одбраната. Слобода за Ламбе Аламбаковски“, стои во реакцијата на Левица.

07.06.2022 - 13:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега