Речиси двојно над дозволената брзина фучел автомобил марка „БМВ“ по автопатот А1, загрозувајќи ги сите учесници во сообраќајот.

Возилото било сопрено кај клучката Смоквица, каде што полицискиот радар измерил застрашувачка брзина од дури 204 километри на час.

На оваа делница брзината со сообраќаен знак е ограничена на 120 километри на час, но возачот целосно ги игнорирал сите сообраќајни правила и безбедносни апели.

Зад решетки заврши 29-годишниот Ж.Д. од Гевгелија, а за случајот е известен и дежурен јавен обвинител.

  • „На 29.07.2026 во 21:26 часот на автопат А1, кај клучка Смоквица, гевгелиско, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Гевгелија го лишија од слобода Ж.Д.(29) од Гевгелија. При контрола на патниот сообраќај со радар, полициските службеници констатирале дека Ж.Д. управува патничко возило „бмв“ со гевгелиски регистарски ознаки со брзина од 204 километри на час, на место каде со сообраќаен знак брзината на движење е ограничена на 120 километри на час. Тој е исклучен од сообраќај и за настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава по член 297-а од Кривичниот законик- „безобѕирно управување со моторно возило”“, соопштија од МВР.
Exit mobile version