Лекари од приватното здравство сакаат да се вратат во јавните болници, ќе се ангажираат таму каде што нема кадар

 

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска соопшти дека на седница на влада се дискутирало за изнаоѓање решение со кое ќе им се овозможи на докторите од приватно здравство да се вратат во јавното со оглед дека постои интерес. Како што појасни, тоа ќе се однесува на експерти со над 10 години работно искуство, кои ќе бидат ангажирани во болници во кои има недостиг од кадар.

„Ние како влада ќе побараме решение, одредени експерти кои имаат над десет години искуство како специјалисти и субспецијалисти во тие клиники и болници каде што има недостаток на кадар да ги вратиме и сигурен сум дека ќе изнајдеме решение, одреден број од нив да се вратат. Тоа укажува дека се враќа доверабата во јавно здравствените установи“, нагласи Таравари.

Околу одлуката на Владата да се формира комисија за изградба на дополнителни гаражи во Клиничкиот центар во Скопје, од кои некои ќе бидат и катни, тој дополни дека комисија ќе го спроведе јавниот повик.

Таравари нема информации колку компании се пријавиле досега во врска со тековниот тандер за компресорската станица за хируршките сали во Клинички центар, и додаде дека тоа ќе биде познато по завршување на тендерот, на 12 септември.

Прашан за состојбата со ковид во државата, првиот човек во здравството одговори дека бројот на регистрирани позитивни на ковид во земјава е зголемен и укажа дека треба да се почитуваат антиковид-правилата за проветрување и хигиена. За хоспитализираните пациенти кај кои ќе се открие вирусот, рече дека треба да продолжат да се лекуваат на истата клиника.

 
21.08.2024 - 11:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега