Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција обвини дека шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, го заштитил поранешниот министер за здравство Венко Филипче во врска со случајот за модуларната болница во Тетово.

Според Лефков, предметот со години не се процесирал соодветно, за на крај да се затвори без соодветна истрага. Тој потенцираше дека одговорноста за трагедијата во која загинаа 14 лица лежи во тогашното раководство и измените на законските регулативи.

„Зошто сметаме дека Филипче е директниот виновник во ово случај? Затоа што пред да се случи пожарот во модуларната болница каде што загинуваат 14 наши сограѓани, наместо да се подобрат стандардите на болниците, Министерството за транспорт и врски, по предлог на владата, го промениле Законот за градење по итна постапка, со цел овој тип на објекти да ги преместат во урбана опрема за чие поставување одобрение ќе издава Министерството за здравство, односно тогашниот министер, Венко Филипче“, изјави Лефков.

Од партијата посочуваат дека овие објекти немале соодветна документација и дозволи за употреба според важечките правилници.

„Овие болници не се запишани во катастар, немаат добиено одлука од владата за трајно користење и немаат одобрение за употреба по правилник за простор опрема и кадар. За овие работи, има евиденција во проектната единица во Министерството за здравство и истата е предадена на Јавното обвинителство за организиран криминал на ден 12.12.2023“, нагласи пратеникот.

Лефков изрази незадоволство од одлуката на обвинителот Абази да не покренува постапка по преземените материјали.

„И по ова, Абази вели дека случајот треба да се затвори, затоа што не постои сомнение за злоупотреба на службена положба. Поради вакви корумпирани поединци како Абази, Филипче наместо да одговара, тој ќе се смее од партиската говорница и ќе ужива на јахтата на Заев“, додаде Лефков.

Exit mobile version