Либерално-демократската партија остро критикува избор на новиот Државен јавен обвинител, тврдејќи дека станува збор за обична замена на едно партиско влијание со друго. ЛДП констатира дека оставката на обвинителката Ленче Ристоска е последната потврда дека системот ги исфрла професионалците за да направи простор за политички егзекутори.
„Беше потребно само неколку недели за јавноста да се увери во она за што ние гласно алармиравме”, изјави ЛДП. Партијата нагласува дека денешната ситуација немаше да биде ваква „доколку се слушнеше предлогот на ЛДП, Државниот јавен обвинител да се избира со двотретинско мнозинство во Собранието”. Наместо консензус и професионализам, вели ЛДП, власта одбра партиски диктат. „Не е само разочарувачки, туку е депресивно што нашите конструктивни предлози беа отфрлени само за да може ‘Белата палата’ на ДПМНЕ директно да ги диктира чекорите на обвинителството”, истакнува партијата.
ЛДП предупредува дека последиците од партизирана обвинителство се катастрофални. Без правна сигурност, вели партијата, нема инвестиции, нема развој. „Без правда нема економски напредок”, гласи позицијата на ЛДП. Партијата исто така предупредува на растечка емиграција: „Последиците се погубни – неказнивост на криминалот, економско страдање, а со вакво судство, Македонија дефинитивно станува најбесперспективната земја во Европа”.
ЛДП апелира на Владата да „престане да биде партиски плен” и конечно да им припадне на граѓаните. „Време е државата да се врати на правда, достоинствен живот и еднаква правда за сите”, завршува партијата, повторувајќи дека нејзините предлози „не се за политички поени, туку за подобар стандард”.

