Потпретседателката на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Стефанија Кузмановска, преку видеообраќање обвини за политички притисок и реваншизам врз претседателот на нивната младинска организација, Трајче.

Според опозицијата, тој се соочил со работна прераспределба на локација која е оддалечена над 100 километри од неговото место на живеење.

„Трајче е казнет затоа што не молчи. Криминалната ВМРО и Мицкоски го прераспределија претседателот на СДММ од Штип во Берово или повеќе од 100 километри од неговото место на живеење до работното место“, изјави Кузмановска во своето обраќање.

Од младинската организација порачуваат дека ваквите чекори претставуваат обид за замолчување на младите луѓе кои јавно ги искажуваат своите ставови.

„Младите масовно се иселуваат а имаме обиди за замолчување на сите оние кои јавно зборуваат и избираат да не молчат. Денеска е Трајче, а утре може да биде ској млад, секој од нас“, се вели во партиската реакција.

Обраќањето беше организирано пред просториите на Управата за јавни приходи (УЈП), од каде што упатија порака дека нема да подлегнат на притисоците.

„Од пред УЈП порачуваме, вие не го казнивте Трајче вие го казнивте правото младите слободно да мислат и слободно да зборуваат. Но нема да молчиме, нема да не исплашите, нема да не замолчите. Младите се против реваншизам, против, притисоци, против уцени и казни. Колку повеќе притискате, толку погласно ќе зборуваме. Другар Трајче, со тебе сме“, порача потпретседателката на СДММ.

Exit mobile version