Наместо сервис за граѓаните, ВМРО и Мицкоски институциите ги претворија во приватна партиска фирма за вдомување на роднини, блиски и партиски кадри, обвини денеска на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка и членка на ИО на СДСМ.

Таа како конкретен пример за ваквите тврдења го посочи случајот во акционерското друштво за воздухопловна навигација.

„Скандалот со унапредувањето на братот на Трајко Славески, од чувар во член на Управен одбор на Акционерското друштво за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација – М-НАВ, е шокантен пример за тоа. Уште поскандалозно е што ова унапредување се случило уште во март 2025 година, а јавноста за него дозна дури пред неколку дена, кога членовите на Управниот одбор кои го спровеле незаконското унапредување добија кривична пријава.“

Кузеска изнесе детални информации околу промената на работната позиција и финансиските импликации од ова наводно незаконско унапредување.

„Управниот одбор на М-НАВ незаконски го унапредил Сашо Славески од работно место обезбедувач на имот на позицијата „помошник за обука и координација во Одделение за воздухопловни информации – AIS во Сектор за воздухопловна навигација“. Со тоа платата двојно му се зголемила, од 50.000 на околу 100.000 денари. Значи, за само 14 месеци незаконски му биле исплатени повеќе од 7.000 евра на штета на М-НАВ.“

Според опозициската партија, во конкретниот избор не се почитувале редовните професионални стандарди, туку се применил партиски клуч.

„Само во ВМРО човек кој работел како чувар во М-НАВ станува член на Управниот одбор на институција задолжена за безбедноста на македонското небо. Нема ситем, нема критериуми е избран, квалификации, искуство. Ништо. Единствениот критериум е тоа што е брат на Трајко Славевски и близок до ВМРО. Така М-НАВ наместо за безбедност на македонското небо е претворено во партиски комитет на ВМРО.“

Портпаролката на СДСМ ја лоцираше одговорноста кај владејачката партија, поврзувајќи ги ваквите појави со пошироките општествени проблеми и евроинтеграциите.

„Криминалната организација ВМРО е симбол на непотизам, партизирани вработувања и злоупотреби на институциите. Видовме бројни примери изминативе години на домување на браќа, сестри, роднини, партиски активисти. Затоа младите се иселуваат од државата затоа што гледаат дека тука знаењето не се цени, системот функционира само за партиски подобните. Затоа ВМРО не сака во Европската Унија – затоа што тоа значи владеење на правото, професионални институции и мерит-систем.“

Exit mobile version