Кузеска: Власта спроведува опасна и брутална партизација на институциите
Режимските тенденции на Мицкоски и ДПМНЕ покажуваат дека не можат да функционираат поинаку. Власта спроведува опасна и брутална партизација на институциите, на безбедносните служби, агенциите, режимот дефинитивно се враќа. Додека се бркаат луѓе од работа, се прават партиски чистки се поставуваат партиски луѓе на клучни позиции во безбедносните институции, исткан Богданка Кузеска од СДСМ.
Еклатантен пример, како што рече е Агенцијата за национална безбедност. Според неа, наместо професионалец власта поставува претседател на Градскиот комитет за директор на АНБ, којшто е прашање дали ги исполнува законските услови да биде на оваа позиција.
„Додека јавноста чека разрешница за лажните сертификати за познавање англиски јазик, се отвори и прашањето дали и факултетската диплома на Христовски е соодветна. Ваквото однесување создава долгорочни последици за работата на безбедносните служби, правната држава и демократијата во земјата. И сето ова се случува во време кога безбедносната состојба во земјата се влошува со секојдневни пукања, инциденти и нереди. Власта спроведува широка стратегија за целосна партизација на институциите. Советот за граѓански надзор на комуникациите, тело кое треба да спречува злоупотреба на следењето на комуникациите, е пред сериозна опасност да стане параван за нови злоупотреби. Исто како оние кои ја потресоа Македонија за време на режимот на Груевски со прислжување на 20.000 граѓаните. Наместо да биде составено од компетентни и непартиски експерти, ВМРО-ДПМНЕ го претвора Советот во инструмент на партиска контрола на комуникации и прислушување. За претседател на Советот е предложен Илче Димовски – долгогодишен партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ. Илче е Претседател на УМС Битола и секретар на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Битола“, додаде таа.
Како што додаде, следен е Стојанче Рибарев, член на Советот за граѓански надзор на комуникациите. Рибарев, според Кузеска, е добро познат во јавноста како поранешен судија, разрешен поради злоупотреби во правосудниот систем, познат како спаситела на Никола Груевски од притвор во 2017 година. Сега, посочи таа, треба да веруваме дека истиот тој Рибарев, ќе ги штити граѓаните од злоупотреби и ќе спречи повторување на скандалозното масовно прислушување од времето на Груевски? Нема шанси.
„За член на Советот е предложен и Мирче Стојков, поранешен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани и актуелен советник во советот од ДПМНЕ. Тука е и Никола Затуровски – долгогодишен функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Советот за граѓански надзор на комуникациите, замислен како независен механизам за заштита на граѓанските права, сега станува играчка во рацете ВМРО-ДПМНЕ и алатка за нови злоупотрени. Ова е сериозен удар врз демократијата и ја покажува намерата на ДПМНЕ за повторно заробување на институциите и враќање на земјата во мрачните времиња на режимот“, кажа Кузеска.
СДСМ, дополни таа, ја повикува целата демократска јавност, сите прогресивни сили, заедно да се спротивстават на масовната партизацијата и ударот врз демократијата во земјата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа