Кузеска: Сите да покажеме одговорност во борбата против коронавирусот

Состојбата со коронавирусот значително се влошува, кај нас и во светот, истакна денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според неа, есенскиот бран се засилува и потребно е секој еден од нас да ги почитува постојните мерки за заштита, односно да носиме маска, да држиме дистанца и редовно да ги миеме и да ги дезинфицираме рацете.

-Согласно новонастанатата ситуација, Владата прифати нови мерки кои ги предложи Комисијата за заразни болести, и веќе се во собраниска процедура и се очекува во најкус рок Собранието да ги изгласа. Со овие предлог мерки, носење маски на отворено ќе стане задолжително, ќе се забрани групирање на повеќе од 4 лица на отворено, како и домашни посети на повеќе од 4ца гости во едно домаќинство, рече Кузеска.

Вели дека доколку бројот на заразени континуирано расте  Комисијата за заразни болести веќе утре, до Владата ќе предложи дополнителен пакет рестриктивни мерки.

-Ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз до 50%, Целосна забрана за секакви настани, и крај на работното време на сите економски оператори, субјекти во 23 часот. Здравствените работници не можат сами. Во ова борба мора да се вклучиме сите со тоа што ќе ги почитуваме мерките без исклучок. Се работи за вашето здравје, за здравјето на вашите пријатели, колеги, на вашите најблиски, рече таа.

Според Кузеска, мора сите да бидеме свесни, совесни и одговорни.

-Во битката против Ковид 19, ќе се вклучат и студентите од шестта година по општа медицина. Овие идни здравствени работници ја препознаа својата важна општествена улога во моменти на криза. Да ја препознаеме и ние нашата, да се заштитиме и себе си, луѓето околу нас, да го заштитиме јавното здравје. Само заедно како силни сојузници, институциите и граѓаните, ќе успеат во борбата против коронавирусот, вели Кузеска.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.10.2020 - 12:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа