Кузеска: Божиновска создаде хаос во енергетиката кој го плаќаат граѓаните

 


По една година власт на ВМРО-ДПМНЕ и министерувањето на Сања Божиновска во новоформираното Министерство за енергетика, можеме јасно да заклучиме: 0 резултати, 0 реформи, 0 проекти, обвини Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

„Гледаме е целосен распад на енергетскиот систем, поради неспособноста на Божиновска. ЕСМ како најголем производител на електрична енергија потфрли за цели 35% од планираното производство за 2025 година. Официјалното објаснување е дека планот бил „преамбициозен“, што само го потврдува погрешното управување со секторот. За првпат во последниве 35 години, РЕК Битола не работеше повеќе од седум дена. Во истиот период, РЕК Осломеј од 8 јуни до денес не е вратен на мрежа. Во рудникот Суводол се случи сериозна хаварија – лизгање на јаловинскиот систем, што го загрозува производството и безбедноста на работниците. ТЕЦ Осломеј не се користи за производство, туку за партиски вработувања – на луѓе ставани на списоци преку социјални мрежи“, рече таа.

Според Кузеска, енергетска зависност денеска е повисока од кога било досега.

Кузеска изјави дека во првата година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија увезла повеќе струја отколку во трите години претходно заедно.

Исто така, Кузеска рече дека новото раководство на ЕСМ потрошило една милијарда денари повеќе, а трошоците на претпријатието се зголемени за дополнителни 400 милиони денари.

„Тоа значи поскапа струја која на крајот ја плаќаа граѓаните од својот џеб“, рече Кузеска.

Додека министерката се слика по постројки и објавува промотивни видеа, додаде таа, граѓаните плаќаат поскапа струја, а системот се распаѓа.

„Дали министерката има склучено договор за правни консултации со познат адвокат близок до ВМРО-ДПМНЕ? И која е неговата улога, советничка или посредничка? Се поставува прашањето дали одредени соработки со адвокати укажуваат на постоење коруптивна мрежа во министерството која води директно до министерката? Очекуваме одговори а за ова повеќе информации ќе изнесеме во следниот период“, рече Кузеска и додаде дека министерката Сања Божиновска не е само најслабиот министер во Владата на Мицкоски туку е и симболот за енергетскиот хаос што го живеат и скапо го плаќаат граѓаните.

26.06.2025 - 13:06

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега