Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски и економските политики на Владата, тврдејќи дека државата се задолжува со невидено темпо.
„Само за првите три месеци од оваа година, направен е нов долг од 700 милиони евра. Врз грбот на народот, врз грбот на идните млади генерации“, изјави Кузеска. Таа додаде дека за две години јавниот долг е зголемен за 2,3 милијарди евра и сега изнесува историски највисоки 10 милијарди и 774 милиони евра.
Од СДСМ потенцираат дека станува збор за нето задолжување и дека овие средства не се користат за зголемување на стандардот на граѓаните. „Нема пари за повисоки плати за работниците, Владата одбива да ја покачи минимална плата од 600 евра, нема мерки за поскапувањата“, истакна портпаролката.
Според нејзините зборови, задолжувањата се прават за „криминални тендери и богатење на ВМРО-ОКГ“, како и за „организирани шеми за извлекување пари“.
Кузеска информираше дека буџетскиот дефицит за три месеци изнесува 408 милиони евра, што според неа е доказ за распад на јавните финансии. „Приходите се реализирани со едвај 20%, што значи дека Владата не создава вредност, туку само троши и задолжува“, заклучи таа.


