Курти по средбата со Вучиќ: Бега од потпишување

 

Косовскиот премиер, Албин Курти го обвини претседателот на Србија, Александар Вучиќ дека бега од потпишување на договор, а со цел имплементација на прифатените обврски помеѓу двете земји. Тој остави на Европската унија да најде механизам со кој обврските ќе ги направи обврзувачки.

„Во анексот пишува дека веднаш почнуваме со разговорите што се однесуваат на самоуправа на српските општини. Знаете дека српската заедница и заедница на општини не се иста работа. Тоа сѐ се разговара во суштина и за целата содржина, но тие разговори се уште во тек. Зборувавме за тоа, но треба уште многу за да дојдеме до конкретен заклучок. Јас сум премиер за сите граѓани, не сакам да омаловажувам било кого според етничка припадност“, кажа Курти.

Посочи и дека договорот поврзан со српските општини е постигнат од порано.

„За жал, морам повторно да кажам дека тој договор потпишан од страна на поранешните премиери на Косово не е за Заедница на српски општини туку е за Заедница на општини со мнозинска српска националност. Не постои на Косово општини по национална припадност. Општините припаѓаат на граѓаните. Предлогот на поранешниот фински претседател е таков што општините се многу моќни во нашата држава. Не може без општини, таква е структурата на предлогот. Некои од општините имаат и поголема надлежност, во рамки на позитивна дискриминација. И затоа, нашиот Устав кој го има предлогот на Ахтисари, е таков што не дозволува да се омаловажуваат општините“, кажа Курти прашан за формирање на заедница на српски општини.

На маса било разговарано и за проблемот со исчезнатите лица.

„Ние се договоривме за еден текст за договор, во врска со исчезнатите луѓе. Но за жал, тогаш, претседателот на Србија, не сакаше да го потпише, како и денеска. Се сеќавам беше 18 август минатата година, се сретнавме во Брисел. Сега тој договор треба одново да го актуелизираме и на тој начин ургентно да се ангажираме за исчезнатите лица, без разлика на националноста. Има уште 1.617 лица кои се изчезнати, огромен број се Албанци, ама има Срби и Роми. Ние максимално ќе се ангажираме што побрзо да се открие нивната судбина и да се овозможи правда, бидејќи каде и да има исчезнати лица од времето на последната војна, ние добро знаеме дека не се само тие жртви туку и нивните семејства и роднини“, кажа Курти.

Тој посочи дека е премиер за сите граѓани на Косово, вклучувајќи ги и Србите

„Јас се залагам за правата на сите во Косово. Тоа значи дека се залагам да се вратат и тие кои сакаат да се вратат во својата правната своина. Многумина ги продале своите недвижности, но има и такви кои се уште поседуваат“, кажа Курти.

Средбата Курти-Вучиќ траеше 12 часа.

19.03.2023 - 10:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа