Курц: Не ја сакам болната идеологија на талибаните во Европа- масовното примање на азиланти не е решение
Австрискиот канцелар Себастијан Курц истакнал дека не сака да ја увезе во Европа, како што рекол, болната идеологија на талибанските фанатици.
"Сигурно ќе продолжиме да ги протеруваме во Авганистан. Проблемите на Авганистан не можат да се решат така што Германија и Австрија, како во 2015-та година, масовно ќе примаат луѓе", истакнал Курц.
Тој нагласил дека ситуацијата во тие земји мора да се подобри.
"Ако луѓето мораат да бегаат тогаш сметам дека соседните држави, Турција, или безбедните делови на Авганистан, дефинитивно се вистинските места каде луѓето мора да одат наместо да тргаат кон Австрија, Германија или Шведска", објаснил тој.
Рекол дека правото на азил било замислено како право за поединци и тоа ако некој се гони од политички или верски причини.
"Правото на азил не е засмислено за цели земји и региони да тргнат на пат и потоа во Европа да избираат и да кажат сакам во Германија. Тоа не е во духот на оние кои го замислиле правото на азил", рекол тој.
Курц рекол дека веќе голем проблем е кога некој илегално со помош на шверцери на луѓе ќе дојде во Грција и додал дека поради тоа е среќен што ставот на Европа, во врска со тоа, се променил.
"Тоа се гледа и во Германија каде веќе никој, ни канцеларката Ангела Меркел, повеќе не вели 'ве молам тргнете на пат, ќе бидете примени во Германија', туку се праќаат спротивни сигнали", укажува Курц.
Зборувајќи за исламизмот објаснил дека во меѓувреме секаде се видело дека масовниот бран на мигранти од други култури, кои се делумно или целосно необразовани, предизвикал масовни проблеми во Европа.
Укажал на проблемите со криминалот, потсетувајќи дека пред една недела во Австрија едно 13-годишно девојче било дрогирано, силувано и убиено од страна на авганистански млади момчиња.
"Таква бруталност порано немавме", рекол Курц укажувајќи дека бројките јасно зборуваат за тој проблем.
Тој нагласил дека е точно дека западните земји имаат проблем со луѓето кои доаѓаат од Авганистан, Чечнија и други делови од светот со целосно поинакви култури и системи.
Исто така потсетил дека со мигрантските бранови во последните неколку години е увезен и антисемитизмот во Европа.
"Дојдоа и луѓе кои се јасно хомофоби и кои не ги почитуваат правата на жените", заклучил Курц.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа