Најнов бунт во затвор во јужниот дел на Еквадор заврши трагично со 14 загинати и уште толку повредени, по жестоки судири меѓу ривалски затворски банди, соопшти началникот на полицијата, Вилијам Кале.
Според информациите на полицијата, еден чувар е убиен, а неколку полициски службеници се киднапирани од страна на затворениците. Дел од затворениците успеале и да избегаат, но досега 13 бегалци се повторно приведени, изјави Кале за телевизиската мрежа Екуависа.
Затворите во Еквадор веќе со години се огништe на насилство поврзано со нарко-картели и ривалски банди, кои водат борби за контрола врз внатрешната хиерархија и трговските канали. Само во изминатата деценија, стотици затвореници ги загубија животите во крвави пресметки.
Властите сè уште не ја соопштија точната причина за најновата ескалација, но се претпоставува дека станува збор за борба за територија и влијание меѓу криминални групи со меѓународни врски.
Ситуацијата е под постојан надзор, а полицијата и воените сили преземаат мерки за стабилизирање на условите во затворот и лоцирање на останатите бегалци.