Британските авиокомпании бележат нагол пораст на откажаните летови за месец мај, како директна последица на вртоглавиот раст на цените на горивото и стравувањата од потенцијален недостиг. Според новите податоци на аналитичката компанија „Cirium“, досега се укинати 296 полетувања од аеродромите во Обединетото Кралство, што е значителен скок во споредба со пред само една недела кога беа регистрирани 120 откажувања. Иако бројките за летниот шпиц во јуни и јули засега покажуваат само минимални корекции, експертите предупредуваат дека авиокомпаниите ги користат законските рокови за да избегнат исплата на отштета на патниците доколку летовите се откажат најмалку две недели пред терминот.
Кризата со горивото е предизвикана од ескалацијата на Блискиот Исток и иранската контрола врз Ормуската Теснина, што доведе до двојно зголемување на цените на керозинот. Овој удар веќе ги принуди европските гиганти како „Lufthansa“ да најават укинување на дури 20.000 летови во следните шест месеци, а слични притисоци чувствуваат и „KLM“, „SAS“ и „British Airways“. И покрај мрачните предвидувања за профитот на авиопревозниците, британската министерка за транспорт, Хајди Александар, смирува дека нема да има големи нарушувања на летните одмори. Според неа, Владата веќе обезбедила дополнителен увоз на гориво од Америка и вовела нови правила со кои им се овозможува на компаниите да ги групираат патниците во помал број авиони со цел максимална заштеда на енергенсите.


