Поранешниот градоначалник на Пробиштип и двајца вработени во општина Пробиштип добија кривични пријави поради „несовесно работење во службата“.
Како што информираат од МВР, Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против Б.С.(61), Ј.Д.(53) и Д.А.(44), сите од Пробиштип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Во текот на 2023 година, првопријавениот, раководител на Одделение за урбанизам во општина Пробиштип и второпријавената, советник за урбанизам, градежништво и издавање на одобренија за градење во Одделението за урбанизам во општина Пробиштип извршиле повреда на законските прописи при спроведување на управна постапка по однос на претходно поднесено барање за издавање на одобрение за градење.
Пријавените не го одбиле како неосновано наведеното барањето за издавање на Одобрение за градење, согласно доставениот акт со негативно мислење од Одделение за урбанизам и заштита на животна средина на Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје-КЕЦ Кочани, во кое се наведува дека предвидениот објект за градење-ресторан не може да се приклучи на дистрибутивната мрежа бидејќи се наоѓа во близина на постоечки електроенергетски објект, согласно Законот за енергетика.
Третопријавениот, поранешен градоначалник на општина Пробиштип, така доставеното одобрение го потпишал со што овозможил на барателите да изградат угостителски објект-ресторан на парцели кои не се предвидени за изградба на објекти.

