Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја истакна посветеноста на неговата влада на обезбедување мир и безбедност во Европа во своето божиќно видео обраќање, објави ДПА.
„Овие месеци и години се за мир, безбедност и просперитет за целиот наш континент“, рече Мерц, цврст поддржувач на Украина, во видео објавено денеска. „Во овој дух, се чувствуваме посветени на Германија и Европа. Од нас зависи“, додаде тој.
Германската влада ќе ја исполни својата должност и ќе работи трпеливо и упорно за да ги унапреди интересите на земјата, додаде Мерц.
Во својот говор, кој траеше нешто повеќе од две минути, тој направи преглед на годината полна со настани во која го презеде кормилото на најголемата економија во Европа по парламентарните избори во февруари, забележа ДПА.
Германскиот канцелар, кој ја предводи коалициската влада, призна дека постигнувањето компромис не било секогаш лесно.
„Имаше дискусии и не сè помина сосема непречено“, рече тој. Многу одлуки дури сега се спроведуваат или ќе стапат на сила на подолг рок, додаде Мерц.
„Ни треба трпение и упорност, како и мотивација да продолжиме да ги донесуваме најдобрите одлуки за нашата земја секој ден“, заклучи германскиот канцелар.

