Полицијата од албанскиот град Елбасан уапсила македонски државјанин во чие комби возило открила еден килограм хероин.
Тој претходно илегално, преку зелениот појас, ја минал македонско – албанската граница, каде го чекал албански државјанин.
Случајот бил разоткриен на патниот правец Булќиза-Либражд, кога сомнителното возило било запрено за рутинска полициска контрола.
„Сомнителното возило, во кое патувале државјанинот од Република Македонија, Л. Г.(32) од Струга и албанскиот државјанин А. Б.(45) од Драч, било запрено за проверки на патниот правец Булќиза-Либражд. При контрола во гума на возилото откриени и запленети се килограм хероин, прошверцуван од македонска на албанска територија, преку зелениот појас на границата, стои во полициското соопштение.“
Според првичните информации од истрагата, запленетата дрога била наменета за албанскиот нарко пазар.
Како материјален доказ, освен пронајдениот хероин, полицијата ги запленила и комбето од марката „Фиат“, како и два мобилни телефони.
Кај приведените лица биле пронајдени и парични средства во различни валути, односно 40.000 леки, 50 евра и 290 денари.
Комплетните материјали за случајот се веќе доставени до Обвинителството во Елбасан за понатамошно постапување.
Уапсените лица во законска постапка ќе одговараат за кривично дело „Трговија со наркотични супстанции“.


