Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје (ЈСП) воведува значајна новина за граѓаните кои го користат јавниот превоз. Од денеска, патниците можат со неколку клика онлајн да ја надополнат својата картичка „Скопска“ со нови билети или со парични средства.
Новата функционалност е достапна преку официјалната веб-страница skopjebus.mk, што овозможува брзо и едноставно користење на услугите без потреба од физичка посета на продажно место.
Од ЈСП Скопје соопштуваат дека ова е голем чекор напред кон модернизација на нивните услуги:
„Имаме одлична новина за сите патници. Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ директно преку нашата официјална веб-страница — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути“.
Целата постапка е дизајнирана да биде максимално едноставна за корисниците. Треба само да се пристапи на порталот, да се избере опцијата „Надополни картичка“ и да се внесат потребните податоци за трансакцијата.
Патниците можат сами да одберат дали ќе додадат конкретен број на билети или пак ќе стават одреден износ на средства на својата картичка.
Новата услуга е веќе активна и достапна за користење на следниот линк: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load.
Со овој потег, ЈСП Скопје цели да овозможи поголема флексибилност и полесен пристап до јавниот превоз за сите категории граѓани.

