Крај на хартиените рецепти, од следната година ќе има само е-рецепти
Место со непотребна документација, од јуни следната година матичните лекари ќе имаат повеќе време да се посветат на пациентите оти ќе бидат ослободени од административните работи што ги бара хартиеното работење. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, најави дека хартијата целосно ќе биде исфрлена од употреба и во ординациите, и во аптеките, и во Фондот за здравствено осигурување.
„Разбираме дека има сè помалку луѓе за работа и дека треба да ја намалиме здравствената администрација. Две работи веќе можеме да ги објавиме. Работиме на е-рецепти, кои до крајот на полугодието во 2025 година треба да бидат во полна употреба и во функција. Со нив комплетно ќе се елиминира од функција хартијата и кај матичните лекари, и кај аптеките, и во Фондот поврзани со рецепти. Ќе ги дигитализираме и сите анекси за 1.500 ПЗУ за тие да може да се потпишуваат дигитално, да нема потреба да се потпишуваат во хартиена форма. Понатаму, ќе разговараме како можеме да го намалуваме товарот за лекарите да имаат сè повеќе време за разговор со пациентите, а да не се занимаваат со непотребна администрација“, рече директорот Клековски.
Безхартиеното работење на матичните лекари е само една од работите што на состанок со Фондот ги договориле претставници на лекарите. Договорено е покачување на капитацискиот бод, укинување некои од казните и дестимулативните мерки, нова програма за превенција, која ќе вклучи превенција од најчестите форми рак во земјата, а договориле и матичните лекари во руралните средини да не мора да ги затворат ординациите доколку во рок од 60 дена не најдат медицинска сестра како што налага сега законот. Тие добија рок од 24 месеци за да се снајдат и да вработат медицинска сестра.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа