Генералот на суданската армија Абдел-Фатах Бурхан денеска го одби најновиот предлог за прекин на огнот предложен од медијаторите предводени од САД, нарекувајќи го „најлош досега“. Одбивањето претставува уште еден удар врз меѓународните напори да се стави крај на повеќе од двегодишната разорна војна во Судан.

Медијаторите, познати како „Квартет“ – САД, Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати – речиси две години се обидуваат да ги запрат борбите и да ја обноват демократската транзиција прекината по воениот удар во 2021 година.

Во видео обраќање објавено од суданската армија, Бурхан изјави дека понудениот план е неприфатлив и ги обвини медијаторите за пристрасност во пристапот кон запирањето на конфликтот.

Судан е во граѓанска војна од април 2023 година, кога борбата за власт меѓу армијата и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) ескалираше во отворен конфликт во Картум и низ други региони. Според податоците на ОН, загинале повеќе од 40.000 лица, а хуманитарните организации предупредуваат дека вистинската бројка е значително повисока.

Војната предизвика најголема хуманитарна криза во светот: над 14 милиони луѓе се раселени, се шират болести, а дел од земјата се соочува со глад.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно месецов најави поголем ангажман во напорите за прекин на конфликтот, откако саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман го повика да се вклучи за време на неговата посета на Белата куќа.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска упати апел за итен прекин на огнот и почеток на преговори меѓу армијата и РСФ. На платформата X тој порача дека е неопходна „безбедна и непречена испорака на хуманитарна помош“, како и запирање на снабдувањето со оружје и борци во Судан.

„Ни треба мир во Судан“, нагласи Гутереш.

Exit mobile version