Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското Собрание, Драган Ковачки, беше дел од трибината која се одржа денес, по повод одбележување на 123 години од загинувањето на македонскиот великан Гоце Делчев, на темата „Наследството на Гоце Делчев низ политичката призма за Македонија“.
,,Гоце Делчев е постојано непрекината инспирација за творење, за говорење. Гоце е симболот на македонскиот иделизам, Гоце е симболот и светецот на македонскиот романтизам. Личност која живеела со универзалните човекови врдности, којшто се борел за слобода, се борел за човечки правдини, се борел за одговорност, се борел за чесност. Ги вреднувал трудољубивите, човек којшто не правел разлика по вера и по народност. И токму таквите вредности се основа и за едно политичко дејствување и денеска“, истакна Ковачки.
Тој вели дека во ВМРО-ДПМНЕ, сегашната генарација на политичари се труди да ги следи универзалните човечки вредности за кои се залагал Гоце Делчев: ,,Живееме со, живееме за тие вредности“.
Ковачки посочи дека од историјата треба да се гледа како континуитет меѓу минатото, сегашноста и иднината. Според него, оној кој има моќ да ја обликува сегашноста, може да ја обликува и интерпретацијата на историјата, а со тоа ја насочува и иднината.
,,Оваа наша сегашност е нападната, беше нападната и ќе биде напаѓана. И тоа многу добро го знаеме тоа како Македонци, посебно како ВМРО-ДПМНЕ. Тој што ја контролира сегашноста, тој може да го контролира и минатото, односно да пишува, да допишува, да брише, да додава да одзема. А тој што го контролира минатото, ја контролира и иднатата“, рече Ковачки и додаде:
,,Токму затоа е нападот на денешнава генерација политичари, и токму затоа се случуваат овие, па дури и предавства од одредени македонски структури, кои што заедно во соработка со наадворешни структури го разредуваат македонското ткиво и прават штета на сопствената држава“.
Ковачки истакна дека она кое може да се извлече од учењето на Гоце Делчев, е дека треба да се внимава на чистотата на македонското револуционерно дело.
,,Македонското револуционерно дело, во тоа време, а денеска македонската политика треба да остане имуна на надворешни влијанија. Ние секогаш треба да си ги гледаме сопствените интереси, како што тоа било и за време на организијата во тоа време, меѓутоа и денеска. И така треба да биде и во иднина“.
Според него, нешто што е многу значајно е поентата што ја кажува великанот Гоце Делчев за организацијата и нејзината врска со народот, и како што вели тој, нешто што ВМРО-ДПМНЕ го докажа во минатите изборни циклуси.
,,Врската помеѓу организацијата и народот е силата на организацијата. Тука ние како генерација политичари го додаваме тројството. Ја дадаваме и Македонија односно организацијата, народот и Македонија. И тоа е темелот и причината за нашето постоење меѓутоа тоа е и последица на наш-ето постоење и на нашето опстојување. Доколку тој темел се подрие нема да и се пишува добро на Македонија“, кажа Ковачки и дополни:
,,И токму оттука, ја влечеме последната поента на која што не учи Гоце Делчев, а тоа е да направиме револуција на умот и на душата. Говорејќи за душата тука мислам на достоинството, а говорејќи за умот, тука мислам на чесноста, на прикривање односно на цeлосно спуштање помеѓу народните маси, слевање со народните маси, нивно осознавање, да се видат проблемите со коишто се соочуваат граѓаните, непокажување елитизам, чесност, одговорност, транспарентност и градење на институции кои што ќе бидат достојни за една модерна македонска држава“.


