Ковачич: Реална и остварлива цел е пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година

- Словенија интензивно ја поддржува Северна Македонија во процесот на евроинтегрирање. Сметаме дека е реална и остварлива цел пристапување на земјата во ЕУ до 2030 година, рече денеска словенечката в.д. амбасадорка Татјана Ковачич.

Во изјава за медиумите пред настанот „Враќање и задржување на домашниот млад високообразован кадар од Република Словенија во Република Северна Македонија...И КАКО“ што се одржува во Стопанската комора, Ковачич потсети дека денес е точно 31 година откако двете држави, како независни, воспоставија дипломатски односи.

-Три децении, традиционално, не поврзуваат партнерски односи, искрено пријателство и интензивна соработка во различни сфери. Словенија во континуитет и дава поддршка на Северна Македонија и на политички и на технички план. Целта за членство во НАТО беше остварена со словенечка поддршка, а минатото лето, по 17 години кандидатски статус, земјата конечно ги почна пристапните преговори, истакна в.д. амбасадорката.

Се зајакнуваат, додаде, и економското партнерство и соработка.

-Лани трговската размена изнесуваше околу половина милијарда евра. Северна Македонија за словенечките инвеститори е интересен пазар и вредноста на вложувањата секоја година расте. Се уште остануваат отворени можности и потенцијали за подобрување на соработката. Северна Македонија за Словенија е една од приоритетните држави на подрачјето на развој на соработка. Од 2010 до денеска Словенија на Северна Македонија и обезбеди развојна помош во вкупно 30,7 милиони евра, потенцира Ковачич. 

17.03.2023 - 12:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега