Ковачевски: Западен Балкан мора да стане дел од Европската унија

 

Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски на отворањето на Самитот „Отворен Балкан“, што се одржува во Охрид, кажа дека ова е време на големи предизвици кои бараат храбри одлуки и заедништво. Иницијативата „Отворен Балкан“ е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој – ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи.

Во услови кога цела Европа се соочува со последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза, според Ковачевски, земјите од регионот се природно поврзани една со друга и имаат заедничка цел – заедно да одат напред. Војната во Украина, како што посочи, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот, а оставањето на геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа, не е опција.

– Нашата политичка цел е јасна и единствена – Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Местото на секоја земја од регионот е во Европската Унија. По тој пат одиме. Заедно се европеизираме. Земјите од Западниот Балкан се тесно поврзани. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Европски е да се помагаме, а не да се кочиме и блокираме. Драгоценото време треба да го користиме поефикасно. Војната која се случува во Украина, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот. Затоа сите мораме да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Ние сме тие што мораме да ја пополниме таа празнина и затоа постои Отворен Балкан што е наша, автохтона, органска иницијатива создадена од нашите институции, сериозно поддржана од сите народи и етникуми кои живеат во нашите држави, порача Ковачевски.

Од исклучителна важност е, рече Ковачевски, Европската Унија и земјите членки максимално одговорно да прифатат дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан веќе е и стратешко и безбедносно прашање.

– Интеграцијата значи заедничка посветеност за изградба на силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократски и цивилизациски вредности и сили. Нашата визија за Балканот во 21 век е визија за напреден регион интегриран во Европа каде мирот, стабилноста и развојот веќе никој не ги доведува во прашање. Ние дејствуваме прагматично и економски и со тоа ќе создадеме услови за големи инвестиции во нашиот регион, а тоа ќе значи повеќе работа и подобро платена работа за нашите млади. и нашите граѓани. Бараме ЕУ да го поддржи овој наш напор и да го препознае како инспирација за решавање на сопствените проблеми, нагласи Ковачевски.

Премиерот се надева дека „Отворен Балкан“ ќе станува сѐ поатрактивна и дека кон неа ќе се приклучат и останатите држави од регионот. Го поздрави присуството на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и на претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, а, како што рече, останува отворена поканата и за косовскиот премиер.

На самитот во Охрид се очекува да бидат потпишани договор за соработка и меѓусебно признавање дипломи и научни оценки издадени во високообразовни установи и други овластени институции, како и меморандуми за разбирање за соработка во областите туризам, култура и даночна администрација во Западен Балкан. 

08.06.2022 - 10:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега