Ковачевски за трагично загинатата Вања: За вакво грозоморно злосторство следуваат највисоки казни
Премиерот Димитар Ковачевски изрази сочувство до семејството, роднините и пријателите и до соучениците на 14-годишната Вања.
„Огромна е тагата која ја чувствуваме по загубата на овој млад живот“, рече Ковачевски, во врска со случајот на трагично загинатата Вања Ѓорчевска.
Ковачевски им се заблагодари на надлежните институции и додаде дека и МВР и Јавното обвинителство работеле интензивно и целосно го расветлиле случајот и ги пронашле сторителите на ова како што го нарече, грозоморно злосторство.
„Очекувам во најкраток можен рок, сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата и да понесат најстрога одговорност. Ова е исклучително тежок ден затоа апелирам да се следат информациите исклучиво од надлежните институции кои навремено и по протокол споделуваат максимално можно, со цел да се избегнат шпекулациите и да не се наштети на истрагата“, подвлече Ковачевски.
На прашањето зошто нема институционална одговорност по она што во последно време се случува во државата, Ковачевски повтори дека надлежните институции на најпрофесионален начин и одговорно успеале да ги идентификуваат сторителите и дека тие ќе бидат изведени пред казната.
„За вакво грозоморно дело и злосторство следуваат највисоки казни. Криминалот има име и презиме. Обврска на истражните и на правосудните органи е да се справуваат со вакви криминалци“, додаде премиерот.
Според него, начинот на кој што надлежните го објаснија целиот случај во врска со двојните убиства со сите детали, експлицитно покажува како што рече, дека станува збор за изолиран случај на злосторници и криминалци кои треба најжестоко да бидат казнети.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа